слушај го телото

Слушај го телото

Слушај го телото и неговите сигнали за глад

Секојдневно добиваме многу јасни сигнали кога да јадеме и кога да престанеме да јадеме, но што значи тоа “слушај го телото”.  Идејата за овој текст ми дојде како инспирација од клиентите и луѓето што ме прашуваат прашања на оваа тема. Колкава количина на храна да јадат? Или пак ме прашуваат дали мора да јадат толку редовно и често доколку не се гладни? Дали може да јадат пред да поминат 3 часа?

Многу од луѓето знаат да јадат храна од стрвост. Знаат да јадат од досада и не знаат да застанат кога е доста и јадат се додека има храна. Всушност сфатив дека многу ретко некој си го слуша телото и сигналите. Па дури и јас некогаш знам да не слушам.

Твоето тело испраќа јасни и недвосмислени сигнали кога му треба внимание

Сигурно знаеш што значи кога ќе ти се исушат усните, или кога ќе те заболи глава. Сигурно знаеш да приметиш кога имаш подочници и сигурно знаеш дека треба да одспиеш малку.

Сигналите за глад и ситост се исто така секојдневно тука. На пример сигналот за глад и интензитетот на истиот е кај секого различен. Она по што се распознава се кркорењето на стомакот и/или забавено мислење и губење концентрација што е сигнал дека изворот на енергија и количините на шеќер во крв се на резерва. Тресењето на снагата е веќе аларм и доцнење. Исто така кога стомакот ќе се наполни нервниот систем испраќа сигнал дека си најаден и би требало да престанеш со јадење.

Кога сме жедни најчесто пиеме вода за да ја изгасиме жедта и речиси и да не постои човек што ќе претера со вода. Но кога станува збор за храната дали запираш со јадење кога ќе се најадеш? Или запираш со јадење затоа што ти е незгодоно пред други? Или запираш со јадење затоа што нема повеќе храна? 🙂

Научи да ги препознаваш сигналите и да реагираш соодветно

Пробај да водиш дневник само 2–3 дена. Секој пат кога јадеш оцени колку си ја гладта со оценка од 1–10 (1 значи дека си прегладнет, а 10 значи дека си “тапан”). И тоа една оценка пред да почнеш и една откако ќе завршиш. Најдобро е да јадеш кога си на 3 или 4, а да престанеш помеѓу 5 и 7. Два до три дена ти се доволно за да се истренираш и да си го препознаваш сигналот.

Ако ти треба помош и инспирација дојди на школа за исхрана и среди ја исхраната за секогаш.

Остави коментар

Your email address will not be published.