кафана

Кафана

Боемски живот и кафана не се закана на твојот животен стил

Ако не излегуваш и седиш дома не значи дека живееш здраво и обратно, ако одиш во кафана често не значи дека ќе ти претставува проблем да имаш ред во исхраната. Нешто што многу често го гледам во школата за исхрана е тоа што многу од луѓето сметаат дека здрав живот значи карантин и откажување од сите задоволства и пријатели :).

Прво тоа не е воопшто одржливо. Второ никој не сака да живее во режим и да има забрана за нешто. Трето повеќете од вас не живеете од спорт и не живеете од тоа колку добро ќе изгледате. Во таков случај е апсурдно да зборуваме дека еден балансиран начин на исхрана подразбира откажување. Имено, периодот што следи ќе биде најгуст со посети во кафани и со седенки, но истиот воопшто не е причина за да се хаварисаш себе си.

Статистички гледно една третина од оброците што ги јадеме ги подготвуваме или јадеме надвор од дома. Тоа значи дека многу од нас често јадат во кафана, ресторан, барови или па со достава до дома. Јас секогаш со моите клиенти зборувам едно многу едноставно правило за кафански живот. Мојот совет што им го давам е да нема во чинијата похованици, пржена храна и тесто. И кога ќе размислиш, ќе разбереш дека всушност се работи за исфрлање на едноцифрена бројка на продукти во мени од 100-тина продукти. Имаш изобилие на салати, меса, риба, млечни продукти, тави, печења итн.

Ако зборуваме за алкохол, тогаш водка, виски и џин се најдобри. Но, сепак на крај ќе ти дадам еден мал трик што јас го практикувам затоа што мене најомилени на трпеза ми се вино и пиво :).

5-те кафански закони

• Не се тепај и обвинувај ако згрешиш. Ако ти не си дел од таа статистика погоре и реално не си од групата на луѓе што има кеиф за кафани и седенки, тогаш опушти се. Ако не одиш повеќе од 3 пати месечно имаш слобода да правиш што сакаш. Едноставно тоа е премалку и преретко за да си направиш сериозно оштетување на здравје или килограми. Јас да сум на твое место ќе јадам се што погоре реков дека не треба :).

Биди претпазлив/а со храна што звучи поздраво од што вистински е. На пример сендвич ако е вегетаријански не значи дека е здрав. Можеби е направен со стандарден бел леб и со 2 сосови кои што ќе ти донесат плус 300 калории. Исто така, ако јадеш некакво парче месо но истото тоа парче дојде со некаков сос од брашно, павлака или мајонез и плус “пекарски” зачинет компир со кечап кој што го пишува како доматно пире, тогаш имаме сериозен проблем со калориите. Ова важи и за некои салати кои што имаат сомнителен дресинг.

Биди свесен/на за дневното специјално мени или оброк. Биди внимателен/на затоа што понекогаш оваквите специјални менија се во некакво комбо. Може да има завршница десерт на пример. Или пак да нудат некаков алкохол по промотивна цена ако нарачаш конкретен продукт.

• Нарачај прв/а и кажи му конкретни насоки на келнерот. Најчесто јадењето надвор го правиме во друштво. Не секогаш во друштвото на сите им е важно што јадат. Затоа секогаш нарачките прави ги прв/а. Многу лесно може да ти влијае туѓ избор на неквалитетна храна. И не заборавај да му потенцираш на келнерот за исклучоци во нарачката. На пример потенцирај да не носи леб или да не носи сос. Многу е потешка борбата да не изедеш нешто кога веќе ќе ти го стават под нос.

• Си сакам вино или пиво. Ова значи потенцијално многу повеќе калории. Затоа моја тактика е дека во текот на денот овошје ќе изедам само во доручекот, нема да јадам паста, ориз, компир или леб во текот на целиот ден и плус ќе скратам 300-500 калории. Така до вечерта пред кафана се оставам во дефицит од околу 1000 калории и не се тресам навечер да се опуштам во друштво.

И за крај не заборавај што и да пиеш или што и да јадеш пиј повеќе од 1 литар вода додека си таму и јади колку што можеш повеќе зеленчук. Живели! 🙂

Остави коментар

Your email address will not be published.