Колку масти на ден

Колку масти на ден

Какви видови и колку масти на ден ти се потребни

Има многу прашања кои ми е тешко да ги одговорам исто како и прашањето “колку масти на ден ми требаат”. Но, неделава повторно бев потсетен дека треба повеќе да зборувам за ова. И, решив да дадам еден опширен одговор тука.

Одговорот на ова прашања претпоставувам и можете да погодите е “зависи” — или, подеднакво нејасен “колку што можеш помалку”. Тоа е така затоа што препораките велат дека не треба да се внесува повеќе од 25% масти од вкупниот калориски внес. Јас не секогаш се сложувам со ова и не важи за секого исто. На многу луѓе овој податок ништо не им значи. Секако не ни сакаат да се замараат и да одгатнат што значи 25% од калорискиот внес. Прво треба да знаат да бројат калории, па да знаат математика, па да знаат во кој производ колку калории се од масти. И јас не сум сигурен дека ќе погодам точно. Секој од нас сака да му биде кажано што да додаде во исхрана, а што можеби да намали или комплетно исфрли.

Доколку сакаш слободно навлези длабоко во овие пресметки и види колку треба да внесуваш. Дополнително ако сакаш и научи што се заситени, што полинезаситени, мононезаситени, транс масти итн. Но, јас мислам дека постои и поедноставен начин. Наместо да броиш калории и масти, можеш да ги следиш овие насоки за ниско масна диета и многу е веројатно дека ќе ги запазиш овие проценти за кои погоре спомнав. Кога зборувам ниско масна тоа не значи дека исфрлиш или намалиш масти. Тоа е фатално и немој да го правиш никогаш. Јас зборувам за транс мастите и за храната што ја приготвуваме погрешно и што мастите ги конвертира во нездрави соединенија.

Практични совети

  • Остани понастрана од пржена и похована храна — како помфрит, пирошки, пилешки прсти, поховани зденки и кромиди, чипсови и грицки. На тој начин ќе успееш да исфрлиш голем процент на нездрави масти од исхраната.
  • Гледај ги етикетите на секој производ и не консумирај производи кои имаат повеќе од 2г. заситени масти на 100г. производ.
  • Во салатите не користи никакви дресинг сосови и замени ги со балсамико, лимон или јаболков оцет.
  • Исфрли од употреба сувомеснати продукти. Чисто месо и риба се одлично нешто.
  • Редуцирај ги мастите кои ги користиш за готвење. Во салати ставај максимум 1 супена лажица маслиново масло. Користи садови во кои можеш да подготвуваш храна без масло или со малку путер. Кога печеш месо, риба, компир или зеленчуци користи хартија за печење наместо да го премачкуваш тавчето со масло. Особено немој со сончогледово. Доколку запржуваш нешто користи мешавина од путер и маслиново масло. Но, сепак долго пржење нека е последната опција.
  • За ужинки колку што можеш вметнувај свежи овошја и зеленчуци.

И се разбира доколку ти треба помош да го средиш хаосот во глава и да ја средиш исхраната за секогаш придружи ни се во школа за исхрана.

Остави коментар

Your email address will not be published.