остани дисциплиниран на диетата

Остани дисциплиниран на диетата

Остани дисциплиниран на “диетата” – наоѓање на внатрешната сила

Најтешкиот дел од приказната со исхраната не се информациите и знаењето туку моментот остани дисциплиниран на диетата. Особено важи за диетите кои што бараат некакви посебни рестрикции, комбинации и откажувања како УН, Жан Митрев и слични. Кога зборувам со некои од клиентите срамежливо се правдаат дека не биле комплетно дисциплинирани. И јас не сум секогаш 🙂 и тоа не е ништо ненормално. Пред да го напишам ова зборував со една девојка од Струмица и ми кажа дека пробувала многу диети, но секогаш ја совладувале кризи и “стрвости”.

Знам дека Сања не е единствен случај и многу од нас се борат со предизвиците секојдневно. Но, како и секоја друга работа во животот, и стекнувањето на дисциплина во исхраната е тренинг и навика која се стекнува со време и прави одлуки. Постојат неколку критични точки кај што повеќето од нас потфрламе.

Junk food насекаде

Една од најголемите причини и поводи да потфрлиме е тоа што секогаш и секаде сме соочени со благо и грицки. На работа и школо повеќето јадат и носат и частат благо и грицки. Дома секогаш се чува (ако не за нас, тогаш за гости) по фиоки и висеки, надвор кога сме излезени со друштво… Најлесно би било да се изолираме комплетно, но тоа не е возможно. Една реченица од познат филозоф вели: “Не барај помалку проблеми, барај повеќе вештини и сила”. Ова е еден од најчестите проблеми зошто луѓето се откажуваат. За тоа каков карактер ќе имате и дали ќе издржите не постои апче или тајна како да се стекне. Едноставно мора да тренирате дисциплина и да бидете појаки од храната. Клучни се првите 3 ситуации. Ако успеете да останете појаки во следните 3 соочувања со храна тогаш сте на добар пат и сте постигнале голем чекор.

Притисок од фамилија и пријатели

Една исто така неизбежна работа е притисокот од околината. Многу често ќе слушате: “ајде бе не изводи, јади таму”, “баш денес ли нема да ме испочитуваш мене и нема да пробаш?”, “џабе се стискаш, јади еднаш се живее”, “земи јади ќе си направиш беља”, “јас имам слушнато, тоа е канцерогено…” и уште многу други рекла казала муабети и притисоци. Мене другарите ме викаа “Здравко” :). Повторно ќе го тренирате вашиот карактер, но за да ви биде поедноставно пробајте ако се работи за фамилија да замолите да не ви прават притисок и побарајте поддршка. Кажете им што ви е целта и зошто тоа го правите. Кога сте во ресторани и локали гледајте први да нарачате пијалок и храна, за да не паѓате во искушенија кога ќе ги слушнете нарачките од вашето друштво. Остани дисциплиниран на диетата по секоја цена. Оваков став и решителност ќе ти ги олесни работите и процесот.

Емотивни ситуации кои ве тераат да јадете

Многу често се случува поради некоја ситуација или стрес и емотивни турбуленции да најдеме утеха во храна, алкохол или цигара. И разбирам, се случува секому. Но, од друга страна сигурно сте свесни дека таа утеха е само моментална по што следи чувство на вина. Во овакви моменти пред да посегнете по она што не ви помага на долг рок пробајте седнете и бидете со сами себе и присутни во моментот, не во ситуацијата. Дишете длабоко и затворете очи. Пробајте наместо храна или цигара направете 10 склекови или некоја друга вежба. Извикајте се, избањајте се. Одвлечете си го вниманието од она што е најлесно (да посегнам по храна за што ќе се каам подоцна).

Многу информации и статии

Во денешно време постои буквална поплава од информации. Само едно лизгање по екранот на телефонот или компјутерот е доволно за да налетаме на некаква објава за исхрана, вежбање или слабеење. Пострашното е што сме станати читачи на наслови. Ќе прочитаме дека одреден напиток бил “јак антиоксиданс” или за одреден напиток што бил најдобар за наутро. Веднаш го прифаќаме како здраво за готово и очекуваме дека само со пиење на тој напиток ќе се испереме од сите гревови во текот на денот. После одреден период ќе дојде хит на друг напиток, продукт или диета. И тоа нема крај. Постојано ни додава сомнеж за исправноста на сопствениот избор за исхрана.

Доколку се пронаоѓаш во нешто од ова дојди на бесплатен час во школата за исхрана и сподели ја оваа статија на некој што мислиш дека ќе му помогне.

Остави коментар

Your email address will not be published.