растителна храна

Растителна храна

Придобивките од постење и растителна храна

Иако јас имав еден несупешен обид за да се префрлам исклучиво на растителна храна и веганство, сепак имам многу голема поддршка и позитивно мислење поткрепено со факти. Зошто јас не успеав на долг рок да воспоставам овакви навики се неколку. Прво, не сакам да губам време во спремање храна. Второ, угостителските објекти кај нас немаат сеуште избор за растителна храна. Најчестите опции се салати, ориз, компир, грав и тесто. Тоа за мене не беше добитна комбинација, но сепак тоа не значи дека за некого од вас ќе биде неуспех. Денес сакам да дадам поддршка на сите вегани, вегетаријанци и луѓе што се одлучиле да постат овој период. Еве кои сe’ придобивки ги имате вие и нашата планета за вашите одлуки.

Рамнотежа помеѓу протеините и мастите

Зголемена количина протеин од растително потекло во исхраната може да ви го намали крвниот притисок 1. Тоа делумно се должи на фактот што кога протеините ги внесуваме преку месо, месото содржи и други компоненти како што се заситените масти. За да бидеме здрави е важно да го намалиме внесот на заситени масти и да го зголемиме внесот на полинезаситени масни киселини. Мастите се обично подобро урамнотежени во храна од растително потекло.

Холестерол

Некои видови здрава храна кои се дел од исхрана базирана на производи од растително потекло, како што се јатките и мешунките, обезбедуваат нутриенти што може да помогнат во намалување на нивоата холестерол. Исто така може да влијаат врз здравјето на крвните садови. Така, воопшто не е чудно што исхраната базирана на производи од растително потекло е поврзана со понизок ризик од кардиоваскуларни заболувања како што е срцевата коронарна болест 2.

Рамнотежа помеѓу телесната тежина и нивото на шеќер во крвта

Исхраната базирана на производи од растително потекло игра улога во регулирање на телесната тежина и нивото на шеќер во крвта. Во споредба со исхраната со месо, вегетаријанските видови исхрана се поврзани со намален ризик од претерана дебелина. Една од причините е тоа што исхраната базирана на производи од растително потекло е најчесто богата со растителни влакна. Растителните влакна го зголемуваат баластот на цревната содржина. Го кратат времето на останување на храната во дигестивниот систем и подолго ни даваат чувство на заситеност. Растителните влакна може да ја забават апсорпцијата и на други нутриенти, како што се шеќерите, и да го ја намалат количината инсулин што се ослободува. Па сосема е нормално што ризикот од појава на дијабетес тип 2 е значително понизок кај вегетаријанците 3.

Мал јаглероден отпечаток

Системот на исхрана е одговорен за повеќе од една четвртина од сите емисии на стакленичките гасови. Најголем дел се поврзани со производството на добиток. Со исхраната базирана на растенија или со вегетаријанската исхрана помалку се емитираат  стакленички гасови, како што се CO₂, метан и азот моноксид. На пример, говедското и јагнешкото месо на еден грам протеин може да имаат емисии на стакленички гасови за 250 пати повисоки од мешунките. А 20 порции зеленчук имаат пониска емисија на стакленички гасови од една порција говедско.

Помала искористеност на водата и земјиштето

За храната од животинско потекло се потребни повеќе ресурси. На пример вода и земјиште треба многу повеќе за животните, отколку за храната од растително потекло. За споредба, кравите се помалку ефикасни животни, а по нив следат свињите и живината. Со преминување од западен начин на исхрана на начин на исхрана за одржливост на животната средина, како што се вегетаријанската и веганската исхрана, искористувањето на водата може да се намали за 50%, а искористувањето на земјоделско земјиште и емисијата на стакленички гасови за 70%.

1 Pedersen, Kondrup, Børsheim, 2013
2 Melina, Craig, and Levin, 2016
3 Appleby and Key, 2016

 

Остави коментар

Your email address will not be published.