суплементи или природно

Суплементи или природно

Дали внесуваш доволно хранливи вредности преку суплементи или природно

Многу луѓе имаат конфузија и предрасуди за поимите суплементи или природно. Едните се преплашени и со став дека не сакаат “хемија”, додека другите мислат дека суплементите ќе ги исчистат од гревовите и ќе им ја заменат сиромашната исхрана. Додатоците во исхраната не се секогаш решение, а особено додатоците како еднонутритивни витамини и минерали за мене не се никогаш решението.

Додаток во исхрана значи да имаш прво основна исхрана па да додадеш нешто. Но, во принцип кога би имал добра основна исхрана и добри навики во исхраната нема ниту да имаш потреба од користење на таблети — витамини и минерали како суплементација. Многу од вас користите едно нутритивни таблети (само витамин Ц, само Б витамини, само Магнезиум итн). Прво доаѓаат во многу големи дози што е апсолутно нездраво за телото, а второ самите по себе не завршуваат никаква полза. На пример доколку користиш суплемент калциум, тогаш потребно е и доволно витамин Д за да се спои со калциумот. За да се создава доволно и да фукнционира ефикасно на витаминот Д му се потребни масти итн.

Значи не се работи дека една таблетка ќе ти ги реши сите проблеми и ќе направи чуда. Затоа јас сум многу гласен за баланс во исхраната и редовност на оброците. И ако веќе користиш суплементи гледај нека бидат големи комплекси во мали дози. Јас би ти ги препорачал следниве за мажи или жени. Ќе ти напоменам – јас лично не користам, но сепак е добро доколку си скаран со овошје и зеленчук.

Денес ќе те запознаам со 5 нутриенти. Сметам дека се исклучително важни и најчесто недостасуваат кај многу од вас. Ќе ја дознаеш нивната улога во телото и начини како да ги обезбедиш во доволни количини. А на крај ти одлучи си дали ќе ги внесеш преку суплементи или природно.

Фолна киселина

Зошто е потребно да се внесува? Фолната киселина — или фолатот, облик во кој фолната киселина се наоѓа во храната — е еден од осумте Б витамини. Помага во растот на плацентата за време на бременоста. Затоа е важно жените да внесуваат соодветна количина пред и за време на бременоста. Фолната киселина придонесува за нормална синтеза на аминокиселините. Има улога во процесот на делба на клетките, а придонесува и за нормално формирање крвни зрнца.

Кои производи ја содржат? Зборовите фолна киселина и фолат потекнуваат од латинскиот збор „folium“ што значи лист, а има добра причина за ова. Листестиот зеленчук изобилува со овој витамин. Може да го најдете и во аспарагус, брокула, авокадо и цитрусно овошје, како и во јатки и мешунки.

Витамин А

Зошто е потребно да се внесува? Клучната функција на витаминот А е да помага во одржување здрав вид. Овој витамин ги пренесува нервните импулси од окото до мозокот.

Кои производи го содржат? Витаминот А во својата активна форма (што телото може веднаш да ја користи) го има во неколку производи од животинско потекло, како што се: црниот дроб, јајцата и путерот. Повеќето луѓе витаминот А најмногу го внесуваат во облик на бета-каротен, соединение што им ја дава темнозелената, жолтата и портокаловата боја на голем дел од овошјето и зеленчукот. Телото може лесно да го претвори бета-каротенот во активна форма на витаминот А. Бета-каротенот го има во многу видови разнобојно овошје и зеленчук, меѓу кои: моркови, тикви, праски, кајсии, папаја, слатки компири, листест зеленчук и брокула.

Калциум

Зошто е потребно да се внесува? Голем дел од луѓето знаат дека калциумот е важен за да се одржуваат коските здрави. Исто така има и други важни улоги и помага за нормална невротрансмисија, што значи им помага на клетките од нервниот систем во комуникацијата. Многу често кога без ваша волја ќе осетите дека мускул (најчесто на лицето) прави контракција и ве нервира 🙂 тоа значи дека најверојатно недостасува калциум или магнезиум.

Кои производи го содржат? И покрај тоа што голем дел од луѓето прво помислуваат на млечните производи — и точно е дека тие се најбогати извори на калциум — калциумот го има и во листестиот зеленчук, тофу, мешунките и бадемите. На прашањето дали е подобро преку суплементи или природно мојот одговор е никако преку суплемент единствено доколку не е препорачано од доктор поради хронична состојба.

Витамин Д

Зошто е потребно да се внесува? Витаминот Д придонесува за нормална апсорпција на калциум и фосфор од дигестивниот систем. Има многу важна улога бидејќи му помага на телото да одржува здрави заби и коски, органи каде што се складираат овие минерали. Витаминот Д е потребен и за нормална мускулна функција и помага за нормална активност на имунолошкиот систем.

Кои производи го содржат? Витаминот Д понекогаш го викаат „сончев витамин“ бидејќи телото може да го произведува во кожата кога сме изложени на доволна количина сончева светлина. Меѓутоа, голем дел од луѓето не се изложени на сонце доволно време поради многу фактори, како на пр., начинот на живот, па кај нив не се произведува соодветна количина витамин Д. Или пак се изложени на сонце, но поради тоа што користат премногу препарати за одржување на хигиена кои содржат парабени и сулфати холестеролот во кожата кој што е потребен за синтеза на витаминот Д се уништува.

Има само неколку производи што се природни извори на витамин Д. Најважни се масните риби, жолчката од јајце и црниот дроб, па затоа може да кажеме дека млекото се смета за важен извор на витамин Д. Во многу земји млекото е збогатено со витамин Д. Исто така свежите печурки доколку ги исечете и ги оставите неколку часа на сонце и ветар создаваат огромна количина на витамин Д.

Калиум

Зошто е потребно да се внесува? Калиумот придонесува за нормална функција на нервниот систем, како и за одржување нормален крвен притисок. Сите мускули, меѓу кои и срцевиот мускул, имаат потреба од калиум за да одржуваат нормална мускулна функција.

Кои производи го содржат? Овошјето и зеленчукот содржат големи количини калиум. Од овошјето, најбогати со калиум се дињите, бананите, авокадото, кајсиите, цитрусното овошје и јагодите. А, од зеленчукот: доматите, морковите, спанаќот и брокулата. Млекото, покрај тоа што содржи калциум и витамин Д, е и богат извор на калиум.

Дали секогаш кога ќе прочиташ статија за исхрана или вежбање се чувствуваш како да не знаеш од каде да почнеш? Придружи ни се во школа за исхрана и среди си ја исхраната засекогаш!

Остави коментар

Your email address will not be published.