Овошје или зеленчук – што е подобро
Да се јаде овошје или зеленчук е дилема која многу од нас некогаш ја имале. Уште поголема дилема било да одлучиш кога и колку ти е доволно. Дефинитивно и едното и другото ни нудат природни растителни соединенија кои ни помагаат да го одржуваме здравјето, а клучот е во разновидноста.
Ако не сте голем љубител на зеленчук, можеби си мислите дека тоа ќе го надоместите со големи количини овошје. Лесно е да се заклучи зошто го правите тоа. Речиси секогаш овошје и зеленчук ги спомнуваме заедно. Со оглед на тоа дека тие се здрава храна, природно е да се претпостави дека е горе-долу исто. Сеедно ни е дали ќе јадеме зеленчук или овошје кога се работи за внесување на неопходните нутриенти.
Ова е донекаде точно. Витамин Ц ќе добиете и од јагодичести плодови, а исто и од брокула. Калиум има и во цвекло, и во банани. Меѓутоа, овошјето и зеленчукот содржат и голем број разнолични фитонутриенти. Тоа се природни растителни соединенија што се добри за здравјето. Затоа е многу поверојатно дека ќе внесете поширок спектар фитонутриенти ако јадете и овошје, и зеленчук.
Што се фитонутриенти
Фитонутриентите им даваат вкус и бои на овошјето и на зеленчукот. Има стотици различни вкусови и бои кои ги имаат овошјата и зеленчукот. Ако не ги гледате само како на извор на витамини и минерали ќе сфатите колку се всушност тие различни.
Јагодичестите плодови и брокулата, на пример, може да содржат слична количина Ц витамин. Но, сепак имаат сосем различни профили на фитонутриенти. Овошјето ја добива црвената и виолетова боја од соединенија наречени антоцијани. Овие соединенија во овошје ги има многу повеќе отколку во зеленчук. Од друга страна, изотиоцијанатите се фитонутриенти што им ја даваат интензивната миризба на брокулата, зелката и карфиолот. Меѓутоа, овие соединенија со миризба нема да ги најдете во овошје. Еден друг природен пигмент, ликопенот, им ја дава богатата црвена боја на овошките како што е патлиџанот (тоа е овошје). Истиот пигмент ја дава розовата боја на грејпфрутот и гуавата. Истиот, во повеќето видови зеленчук речиси воопшто го нема.
Многу луѓе сметаат дека е исто дали јадеме само овошје или само зеленчук, или јадеме и овошје, и зеленчук. Од овие примери видовме зошто е важно исхраната да ни биде разнообразна за да му обезбедиме на своето тело што е можно повеќе хранливи материи.