смрзнати оброци

Смрзнати оброци

Сите сакаме практичност и здрави хранливи материи, затоа и често избираме смрзнати оброци и храна. Едноставно полесно се приготвуваат! Сакаме и подобри состојки, повеќе протеин, помалку сол и здрави масти за разлика од претходно. А производителите на храна многу се подобрија за да ги задоволат тие наши барања! Тоа значи дека може да најдеме практичен смрзнат оброк кој е добар, но сепак треба да знаеме што бараме.

Позитивни и негативни страни на смрзнати оброци

Една од главните предности на смрзнатиот оброк е тоа што и големината на порцијата и калориите се контролирани. Кога броите калории и внимавате на тежината, тоа може да биде огромен плус. Ја елиминира несигурноста поврзана со мерење или едноставно проценување на порцијата и на калориите.

Практичноста е очигледната предност. За повеќето смрзнати оброци се потребни само неколку минути за да се загреат. Имате здрав оброк без да треба да одите да пазарувате и да го приготвувате. Има многу голем избор, па користењето смрзнати оброци ќе ви помогне исхраната да не ви се здосади. Лошата работа е што голем дел од смрзнатите оброци имаат екстремно висока количина натриум. Исто така може да содржат состојки што не би ги ставиле во храната што сами ја готвите. Покрај тоа, поквалитетните смрзнати оброци може да бидат па доста поскапи.

Што да гледате на етикетата на продуктот

Кога одите да купите здрав смрзнат оброк, треба внимателно да ги проверите состојките и табелите со нутритивните вредности.
Еве неколку совети што ќе ви помогнат добро да избирате:

• Калории: Овој број се разликува зависно од вашите лични потреби, но 350-500 калории во еден оброк е добра цел за повеќето луѓе. Ако се обидувате да ја намалите тежината, можеби се обидувате да изберете оброк со најмалку можни калории. Ако е бројот на калориите премногу мал (помалку од 200 калории), оброкот нема да ви држи сити долго време и подоцна ќе почнете да грицкате нездрава храна.

• Протеин: Протеинот помага да се чувствувате сити, па колку повеќе протеин содржи оброкот, толку подобро!1 Барајте оброци што содржат минимум 15 грама протеин.

• Натриум: Денес е многу полесно да се најдат смрзнати оброци што не содржат многу натриум! Барајте оброци со 750 или помалку милиграми натриум.

• Растителни влакна: Општо земено, смрзнатите оброци немаат големи порции со интегрални житарки или зеленчук богати со растителни влакна, но ништо не ве чини да пробате да побарате! Ако најдете оброк со четири до пет грама растителни влакна, тоа ќе ви биде плус!

• Масти: Вкупниот број калории од масти во вашиот оброк треба да биде 30 % или помалку. Барајте оброци што немаат повеќе од три грама масти во 100 калории.

• Големина на порција: Внимавајте колкава е порцијата. Повеќето оброци се наменети за еден човек, но сепак проверете двапати. Не заборавајте дека нутритивните вредности се однесуваат само на една порција.

• Тврдења на етикетите: Кога ќе видите зборови како „вегетаријанско“ или „органско“ или „без глутен“ или “природно”, ќе си речете дека оброкот е здрав и не содржи многу калории. Можеби е така, но нема гаранција. Прочитајте ја табелата со нутритивни вредности и состојки за да знаете што точно ќе внесете.

Како да ги направите подобри

Повеќето смрзнати оброци имаат мали порции зеленчук, па добро е со оброкот дополнително да изедете салата, зеленчук или зеленчукова супа. Ако додадете супа и салата, оброкот може да го јадете на делови, што ќе ви помогне да јадете побавно. Ќе имате малку повеќе за миење садови, но убаво е топлиот оброк да го ставите на обична чинија. Ќе имате чувство дека јадете домашно зготвена храна и повеќе ќе уживате. Чувајте ги садовите во кои е спакувана храната: може да бидат корисни да си ставате ваши брзи оброци со контролиран број калории од храна што ви преостанала.

1. Dhillon et al., J Acad Nutr Diet (2016) Jun; 116(6):968-83; Yang, Liu, Yang, Jue. Eur J Nutr (2014) Mar; 53(2):493-500; Westerterp-Plantenga et al. Annu Rev Nutr (2009) ;29:21-41.

Остави коментар

Your email address will not be published.