што да јадам

Што да јадам денес

Како правиме одлуки и реагираме на прашањето ‘што ќе јадам’?

Секој од нас во текот на еден ден прави преку 250 одлуки за храната и многу често во денот му поминува мислата што да јадам следно :). Дали кога поминуваме покрај угостителски објект, дали кога некоја колега или пријател нарачува или купува за јадење. Или пак кога ќе видиме реклама. Во текот на денот ни се појавуваат многу ситуации во кои што ние свесно или несвесно одлучуваме да се придружиме, да купиме или не.

Но што влијае најмногу на тие одлуки? Дали е вкус или глад? Можеби е цена или вредност? Дали начинот на кој сме воспитувани и растени? Или сепак е околината или па се заедно? За повеќето од нас периодот додека стигнеме до адолесценти веќе ни ги оформил навиките за јадење. Имено, ако се запрашаме што најчесто се јадело дома, ќе ти текне на 20-тина продукти и оброци кои што најчесто се купувале и подготвувале рекурентно.

Сепак, статистички гледано во денешни услови изборот многу може да се смени откакот ќе излеземе од домот на нашите родители. Цената, вкусот, дружењето, работата, медиумите, е-трговијата и доставата до врата. Многу ни влијаат на секојдневните одлуки и избор како ќе се храниме. Поднебјето, културата и религијата играат исто така многу голема улога во тоа што да се јаде и што да не се јаде. Традициите на одредени денови или празници многу од нас ги провлекуваат речиси низ целиот живот.

Што влегува во одлуките за избор на храна

Во Недела кај нас дома опција биле тарана, или пржен леб, или јајца со зеленчук, јогурт и сирење. Вечерта обавезно мајка ми правела сутлујаш или пудинг :). Понеделник бил грав на пример во 90% од деновите. И кај секој од нас постојат такви повторувачки шаблони на оброци и продукти кои што ќе се најдат по дома. Среќа што процесирана храна или сок, навистина било реткост да се појави и сум благодарен за тоа на моите родители. И покрај тоа, денес мојата исхрана изгледа многу поразлично од тогаш. На крај на денот секој од нас ја има моќта за промена.

Исто така разлики во изборот што да јадам постојат и базирано на полот. На пример на нашево поднебје мажите се мераклии за кафана и често изборот за храна е наметнат од потребата за социјализација и дружење. И тука се создаваат шаблони за ден и термин кога најчесто друштвото се собира. Работната средина е уште еден голем фактор што ни ги оформува одлуките и навиките. Често, работното место е синоним за предлогот “што да нарачаме да ни донесат” :).

Секако дека не можеме да се затвориме дома и да ги избегнеме влијанијата и емоциите. Секако и дека нема да се нафатиме да јадеме нешто што не е вкусно или што не ни претставува задоволство. Но сепак, можеш да размислуваш како ти да бидеш нечие добро влијание. Нека биде храна со достава, но нека биде квалитетен избор. Оди во кафана, но нека биде квалитетен избор. Имај си еден ден во неделата во кој што ќе се “товариш” и ќе се предадеш на задоволствата. Најпогубно е да дозволиш да немаш никаква контрола врз одлуките за храна и секој оброк да ти биде влијание од реклама или трето лице. Ако не знаш од каде да почнеш, дојди на школа за исхрана и среди си ја исхраната засекогаш!

Остави коментар

Your email address will not be published.