здраво срце

10 продукти за среќно срце

Чекори до твоето благодарно и среќно срце

Не знам дали знаеш, но месец Февруари е месецот на здраво и среќно срце. Можеби си на добар пат и твоето срце се радува на животниот стил кој што го практикуваш. Но, и да не се вбројуваш таму, денес ќе ти кажам кои 10 продукти ќе му помогнат на твоето срце да биде благодарно.

Полифеноли

Прво, ако си личност што пие алкохол и ако инвестираш во себе, ти честитам и ти правам здравица со шампањ. Овој пијалок не е само за празнување :). Содржи полифеноли – соединенија што природно ги има во грозјето. Имаат позитивен ефект врз регулацијата на крвниот проток и притисок. Немој да помислиш дека те мотивирам да пиеш што повеќе алкохол како начин да се задоволиш со полифеноли :). Ова е само креативен начин да се потсетуваш на овие важни соединенија.

Моркови, домати и спанаќ

Во школата за исхрана речиси не поминува час да не зборуваме за шарена трпеза. Светло портокаловите моркови, црвените домати и темно зелениот спанаќ ја поседуваат бојата благодарение на каротеноиди. Тоа се група на антиоксидантни пигменти што помагаат во справувањето со “лошиот” LDL холестерол, клучен чекор за спречување на атеросклероза.

Авокадо и мешунки

Само со овие 4 погоре споменати сме далеку од комплетни за да го израдуваме нашето срце. Следно на менито нека биде авокадо. Каротеноидите нема да се апсорбираат самите по себе. Тие соединенија се растворливи во масти, па мастите од авокадо би завршиле одлична работа. Дополнително можеш од конзерва да истуриш грав или грашок во оваа салата што ја почнавме со шампањот :). Во мешунките има голема количина на растворливи растителни влакна кои што се задолжени да го чуваат холестеролот во нормални граници.

Морско, јатки, чоколадо и бобинки

Салатата и пијалокот ги решивме погоре. Сега на ред е главното јадење. Тука би ставил морски плодови или риба на скара. Морската храна и риби изобилуваат со есенцијалните омега 3 масни киселини. Тие се клучни за многу метаболички функции, за регулирање на воспалитени процеси и да го чуваат срцето од болести.

Десертот би го направил со јатки, црна чоколада и боровинки. Бадеми и ораси се богати со соединенија наречени фитостероли што помагаат да се регулира холестеролот. Чоколадата што има поголем процент на какао има и поголем процент на флавоноиди. Тоа се многу моќни антиоксиданти што се борат против слободните радикали и го штитат срцето. Тоа не значи дека сега треба секој ден да ја задоволуваш потребата за благо јадејќи црна чоколада. Можеш топло какао да си направиш и да го имаш истиот и подобар ефект.

Така на пример можеш да изблендираш јатки со какао и мед и да го прелиеш врз бобинките. Бобинките како боривнка, малинка, рибизла, капини имаат природни пигменти што имаат моќно антиоксидантно дејство.

Тука не завршува добрата исхрана за срце. Континуитетот и диверзитетот прават целокупно добро здравје, но срцето како двигател на нашата машина е многу важно да го чуваме во добра кондиција и здравје. Затоа после оваков добар оброк додади пешачење како јаготка на шлагот.

Остави коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *