3 совети како да јадеш споро
Ако научиш како да јадеш споро ќе си помогнеш да ја контролираш количината што ќе ја изедеш. Оваа тема ја пишувам најмногу за себе. Долго време се борам со тоа да се научам да јадам побавно. Многу често на тоа ми текнува откако ќе заврши оброкот :), но сепак се трудам да бидам посвесен за оваа моја лоша навика. Деновиве сме со Тања во Шибеник, Хрватска и нормално е дека сум љубопитен за некои рецепти и локална храна.
Речиси како и порано сите оброци ги изедов набрзина. Како да е последно. Но, од друга страна свесно почнав да размислувам ако треба и на сила да го менувам овој мој ‘проблем’. Не само затоа што треба да уживам бидеќи сум на страна од редовните обврски и рутина. Најмногу затоа што знам дека брзото јадење не е од никаква корист и затоа што реално се работи за 5 минути повеќе.
Најчесто нема да има можност да дојде сигнал до мозокот дека сме најадени и шансите да се прејадеме се големи. Од друга страна тоа значи дека храната не е добро изџвакана. Тоа му прави потешкотии на желудникот за да ја обработи, а на крај е впечатокот што го оставаме во околината :).
Техники кои не функционираат за мене
Имам читано за некои техники како да јадеш побавно како на пример да се гледаш пред огледало додека јадеш. Потоа имам читано за техника каде што секое залче храна прво да го доближиш до носот, да го допреш до усните па да го ставиш во уста. Потоа уште една техника за броење на џвакањето и слично. Но, да бидам искрен овие техники мене лично ми се глупави и повторно мислам дека во околина би изгледале лошо. Пробај стави си огледало во ресторан пред себе :), или мирисај ја и допирај ја храната со секое залче. Ќе ми дадат можеби и дијагноза. Бидејќи имам размислувано на оваа тема и од она што имам читано еве што јас ќе почнам да практикувам и да применувам што можеби ќе ти помогне и тебе.
Јади на рати
Ова најчесто го приметувам дека за мене функционира на свадби и прослави каде што има некаков протокол. Прво ќе ја имаш салатата, па ќе помине време ќе ти донесат предјадење, па ќе помине време ќе ти донесат главно јадење итн. Во овакви ситуации никогаш не сум се донел во ситуација да се прејадам. Самите рати овозможуваат да стигне сигнал до мозокот. Дополнително и не јадам пребрзо затоа што секоја рата е ограничена и не сакам пребрзо да ми ја снема од чинијата.
Направи атмосфера
Исто имам приметено дека во ресторани и места каде што има отмена музика и побавна музика, во главата ми се создава атмосфера за уживање и најчесто јадам цивилизирано и бавно :).
Температура на храна
Многу често кога храната е жешка барем јас сум принуден да јадам поспоро. Прво земам од храната па ја дувам па ја внесувам во уста и сето тоа прави да јадам поспоро. Од друга страна мразам да се испотам за време на ручек или вечера и гледам да јадам многу споро и да чекам да се излади храна.