превенција на канцер

Превенција на канцер

Постои ли начин како можеш да воспоставиш контрола и превенција на канцер

Деновиве налетав на третиот извештај произлезен за превенција на канцер. Истражување водено од World Cancer Research Fund и American institute for Cancer Research кое што е сеуште во тек и опфаќа податоци на огромен број луѓе, голем број на претходни истражувања, многу наука, многу професионалци и многу труд. Последниот оваков извештај е направен во 2007 година, па овој новиот многу ме заинтересира да го прочитам и да истражам затоа што дома имам искуство со оваа подла болест.

Доколку не ме следиш долго време сигурно не знаеш за мојата приказна и зошто си денес баш на овој блог. Имено, во 2010 на татко ми му дијагностицираа рак на простата за кој што мислевме дека ќе го решиме со оперативниот зафат тоа лето бидејќи беше во рана фаза. Меѓутоа во меѓувреме се префрли на коски. Терапиите направија распад на долната вилица кај него што резултираше со уште 3 операции на максилофацијална клиника во Скопје. Во моментов ситуацијата на тоа поле е супер и болеста е во ремисија. Но, сега се бориме со Алцхајмер…

Како и да е, јас како софтверски инженер уште во 2010 го сменив својот курс. Имав голема причина и желба да помогнам и дома и себе си затоа што во тие денови имав 25 килограми повеќе од што имам денес. Се нурнав во проучување на исхраната и навиките кај луѓето што директно придонесуваат за квалитетот на живеење и добра здравствена состојба. Пред 4 години решив тоа мое знаење, искуство и приказна да ги споделувам јавно и интензивно. Прерасна во лична животна мисија. Секој ден се будам и легнувам размислувајќи како да заразам што повеќе луѓе со идејата за квалитетни животни навики.

Се плашиш ли од канцер?

Јас лично се плашам, не од болеста или од смртта. Го сакам животот и сакам да го искусувам секојдневно. Сакам да видам што ќе оставам зад себе и во каква личност ќе се издигнам кога ќе бидам во моите 80-ти. Јас лично се плашам од времето поминато во третирање и лекување. Гледајќи од близу како тоа изгледа, многу е заебано. Ама многу! Не се мачи само болниот, туку сите околу него. Сепак, имав среќа што татко ми и мајка ми се неуморни оптимисти па сето тоа изгледаше многу подобро.

Последниов извештај во исто време ме предомисли за некои теории во кои што лично верував дека се добри и во теории за кои што верував дека се лоши и овде ќе ти ги споделам. Ова го пишувам затоа што сакам на многу од вас да ви скратам време. Знам дека не’ интересира колективно темава, но не секој има време, интерес и знаење да ја разбере целата терминологија. Затоа на наједноставен и прост начин ќе се потрудам да ти изџвакам што мене ми остави впечаток и да ти дадам линк до препораките што се напишани на многу разбирлив начин (и на англиски.)

Висината

Ова за мене беше многу изненадувачки. Науката денес има силни докази да направи корелација на висината и ризикот од појава на рак. Тоа значи колку сме повисоки толку поголеми ризик фактори за појава на истиот. Воопшто не ми се допадна информацијата, затоа што јас сум во таа група на луѓе со висина поголема од 181 цм за мажи и 168цм за жени :). Луѓето со понизок раст да речеме имаат предност во ова, но кај нив се поголеми ризик факторите од кардиоваскуларни проблеми (притисок, атеросклероза, инфаркт и мозочен удар).

Цигари

Ме изненади во ова истражување тоа што не се зборува воопшто за пушење. Пушењето е ставено во “non debate-able” фактори, што во превод значи ако си пушач најверојатно ќе дојдеш на “наплата”.

Млеко и млечни продукти

Јас на пример имав верување дека млечните продукти ќе ти донесат повеќе штета отколку бенефит. Во случајов со овие истражувања за канцер се покажува обратното. Дури, конкретно за рак на дебело црево и стомак се вели дека консумирањето на млечни продукти и калциум како суплемент е превенција.

Кето и хроно

Хроно диетата е многу популарна како решение за вишокот килограми и популарна по рестрикција на овошје. Рестрикцијата на овошје ова истражување вели дека е многу опасно! Се препорачува секојдневна консумација на 400г овошје.

Кето исхрана е нешто што јас лично го правев 2 пати во текот на минатата 2019 година и имав супер резултат. Иако има и многу  научни докази како превенција на канцер, сепак истражувањата покажуваат дека не е за секого. Препораките за превенција на рак велат дека неделно не треба да се јаде повеќе од 500г црвено месо (телешко, јунешко, свинско, овчо, козјо, јагнешко). Дури велат целосно исфрлување од исхраната е најдобро решение. Одлична замена за овие животински продукти во трката за внес на протеини се пилешко, риба, јајца, млечни продукти.

Алкохол

Ова ме скрши :). Алкохолот е огромен ризик фактор и речиси да нема тип на рак кај кој што алкохолот не е плодна почва. Ај што е ризик фактор, туку за разлика од црвеното месо каде што вика до 500 грама овде ниту тоа го нема… Препораките се дека треба целосно да се исфрли од исхраната. Во превод ова значи нов предизвик во мојот живот, но мислам дека ќе го решам многу брзо со оглед дека се сакам себе си многу. Многу повеќе од црвеното вино :).

Кафе

Конечно кафето се стави во добрите продукти за превенција на рак. Се разбира квалитетни и чисти кафиња. Без шеќер и без засилувачи на вкус или мирис.

Вишок килажа

Ова е нешто слично како алкохолот. Покачената телесна тежина е плодна почва за речиси сите типови на канцер. Земи се на себе и ослаби веќе еднаш засекогаш, доста се оправдуваш и одложуваш.

Суплементи како превенција на канцер

За ова сум одамна гласен и во исто време скептик на моето верување. Многу ми е жал што огромен број на луѓе си користат апчиња витамини и минерали за да си ја исперат совеста од лошата исхрана. Мојата филозофија е дека освен омега3, алое вера и растителни влакна не ти требаат никакви други суплементи, особено не витамини и минерали. Но, често можев да налетам и на истражувања кои што ги фаворизираат. Сепак на крај во ова истражување изричито се тврди дека користењето на витамински апчиња нема да помогне во никаква превенција од појава на рак. Дури се смета дека доколку веќе се појави болеста, користењето на мултивитамини ќе го засили прогресот.

Ова се работите кои што за мене беа или изненадување или потврда на она во кое што веќе верував. Сепак има уште многу што ова истражување опфаќа, па затоа ти препорачувам на овој линк да ги погледнеш генералните сумирани препораки и насоки. И за крај те молам сподели го ова. Добро е да го видат што повеќе луѓе.

Остави коментар

Your email address will not be published.