клизна со диетата

Клизна со диетата

Пак се клизна со диетата – како да го престанеш овој круг

Не треба многу за веќе од утре да бидеш една од личностите што клизна со диетата иако веќе недела дена си супер. Доволно е еден лош разговор или ситуација на работа и да отиде се во провалија. И уште повеќе – колку почесто ти се случува ова толку поголеми се шансите да ја бараш вината во диетите, тренерот или опкружувањето. Секој неуспех е проследен со емотивно јадење. Секој следен  обид е со надеж дека следната диета, тренер или продукт ќе бида правилниот/та.

Ако ти звучи ова познато, тогаш имам 6 совети што ќе ти помогнат да излезеш од овој круг.

Прифати дека ќе има турбуленции и грешки

Секој од нас може да направи и ќе направи грешка во секоја област па и во диетата. Престани да го етикетираш процесот и денот како лош или добар. Макар и да изедеш нешто што не треба или тотално излезеш од колосек за тој ден, само прифати го и продолжи си. Веќе следниот оброк или следниот ден нека биде како што треба. Повеќето од вас ќе направите грешка и носите одлука за одложување. Ќе си кажеш “Секако ја оплескав, дај барем нека помине неделава. Здравје од Понеделник ќе се вратам назад во колосек.”

Препознај што те тера да изедеш нешто што не треба

Ова ќе ти биде многу лесно. Сигурно знаеш што претходи на грешка во исхраната. Или е некаков стрес, или е  некоја личност што ти влијае негативно и ти дава мотивација да ги направиш “само уште овој пат”. Кога знаеш кој е и што е, тогаш барем си свесен/на и знаеш. Тоа е еден чекор поблизу до подобра контрола за следниот пат.

Најди начин како да го промениш однесувањето следниот пат

Луѓето кои што се поинволвирани во човечката психологија и емоции велат дека луѓето во храната гледаат заштита од вистинското соочување со емоциите или стравовите. Обично сакаме да инволвираме и трета страна и тоа е најчесто храната. Уште едната вистина која што ќе ти се допадне е дека ништо страшно нема да ти се случи да останеш на само со емоцијата или стравот. Дозволи и/му да биде со тебе на само и не се бори. Секој следен пат ќе ти биде послено и поедноставно. Или доколку тоа не е опцијата за тебе тогаш пробај јави се на пријател/ка. Поразговарај за твоите чувства без да бидеш отровен/на. Или седни и запиши што чувствуваш и што ти иде да направиш. Така се ставаш во позиција да се гледаш од страна, а кога се гледаш од страна носиш многу подобри одлуки за себе.

Зборувај си убави работи на себе

Понекогаш се чудам како можат луѓето да бидат толку лоши према себе и да се камшикуваат за секоја грешка. Што би направил/а доколку ти треба да го сoветуваш некого што згрешил со диетата? Ќе го кажуваш истото она што си го кажуваш и на себе? На пример ќе му/и кажеш “Ти си тотален пропаст, за ништо не те бива, еднаш не можеш да си останеш на зборот”. Или во најмала рака ќе речеш: “Ај бе следниот пат ќе биде”?

Почекај и погледни наоколу

Одложување на одлуката на само неколку минути и посматрање може многу да ти помогне. Една од тактиките за ова што јас им ја кажувам на учесниците во школата за исхрана е да водат дневник за тоа што го јадат секојдневно. И баш кога ќе дојдат моментите на слабост и гласовите во глава што те убедуваат дека “не е страшно”, погледни во дневникот колку е добар. Кога ќе видиш дека веќе неколку денови или недели си со одлична дисциплина ќе ти биде жал да видиш дамка што ќе ти покажува дека клизна со диетата. Борбите со храната обично не траат повеќе од 10 минути. Затоа почекај 10 минути и победи ја битката! Чувството после победата е незаменливо.

Потсети се на работите на кои што си горд

Секој од нас има нешто што го направил или постигнал и е горд на тоа. Секој од нас има нешто во што е добар и за што има талент. Тоа е доволен показател дека си супер личност. И тоа е доволна причина да разбереш дека знаеш и можеш да донесеш прави и добри одлуки. И тоа не значи дека и во исхраната треба да бидеш исто толку добар/ра како што си во работата, или во односите или во домаќинските обврски. Не постои идеално и не се тркај и споредувај со другите луѓе. Тоа што на некој му оди од рака со вежбање и исхрана не значи дека така треба да изгледа и твојот процес. Твоите цели и постигнувања немаат врска со туѓите цели и постигнувања. Тоа не покажува каква личност си ти или што ти недостасува тебе!

Остави коментар

Your email address will not be published.