мајка без изговори

Мајка без изговори

Мајка без изговори – запознај ја Снеже

Денес е многу лесно да си најдеш причина зошто не можеш, а тешко е да си мајка без изговори. Секојдневно се среќавам со луѓе кои ќе ми кажат разно разни причини. Но, понекогаш имате ситуации кога немате избор. Едиснтвена опција е да направите најдобро од она што го знаете или сакате да го научите. Епа токму затоа денес ќе си поразговараме со Снеже — мајка херој. Дефинитивно ќе ве инспирира со нејзината приказна, филозофија и акција!

Каде почнува твојата приказна за здрав и активен живот

Како сега се сеќавам на првите чувства и мисли од детството. Имв 5–6 години и бев многу самосвесна за тоа како треба и сакам да изгледам. Се сеќавам и дека тогаш не ги поврзував здравата исхрана со фит изгледот. Мислев дека само гените се заслужни за тоа. Немаше интернет, немаше многу телевизиски канали. Токму затоа е интересно дека самосвесноста ми се родила и развила без влијание од надвор. Моите родители, а посебно татко ми бил отсекогаш со напредни идеи и сфаќања. Во многу аспекти, така и во исхраната и тоа како таа директно влијае на нашето здравје.

Бевме меѓу малкуте семејства кои во раните 90ти години јадевме германски леб од изртени житарки и овес со млеко за доручек или вечера. За жал, имаше периоди во мојот живот кога држев ригорозни диети на кои воопшто не сум горда. Тогаш на своја кожа осетив, дека телото не можеш да го излажеш. За среќа мноу брзо сфатив дека ригорозните диети се неодржливи. Се трудев да јадам барем три здрави оброци во текот на денот. Во вежбањето и гимнастиката сум вљубена уште од првите чекори. Секогаш морав да скокнам од најдалечната скала, да се качам на највисоката гранка, да се превртувам на вратилата. Во главно бев самоука, дома самата пробував и се мачев додека да научам да правам мост, шпага, стој на раце, ѕведа.

Сум вежбала се: аеробик, фитнес, пилатес. Но вистински се заљубив и тотално се пронајдов во пилатесот. Мислам дека ќе вежбам до крајот на животот. Секако дека ќе го менувам интензитетот на вежбите со текот на годините. Моментално вежбам total body workout. Серии на вежби кои го активираат целото тело и истите се покажаа фантастични за мојот темперамент и тело. Вклучувам постатични пилатес вежби и поактивни вежби со најразлични реквизити. Понатаму во животот мислам дека целосно ќе се препуштам на класичниот пилатес. Тука е и јогата. Имаат одлични резултати во толку многу животни аспекти.

Што беше најголем повод?

Најголема причина за да бидам мајка без изговори и ова што сум, тотално заљубена во здравиот животен стил е пред и над се мојот карактер. Во животот почитувам ред, сакам да се организирам и да го запазувам тој ред. Било да станува збор за мојот режим на исхрана, вежбањето, учењето, работата, домашната работа или децата.

Многу често знам да кажам дека “не си ја познавам силата”, многу сум амбициозна и не попуштам кога ќе си замислам нешто. Среќа што таа амбиција и трпение, а понекогаш и тврдоглавост, најчесто се правилно насочени (хаха). Моите најблиски ме нарекуваат “карактер”, алудирајќи пред се на истрајноста и детерминираноста кога се работи за здравиот животен стил.

Имаш специфична ситуација со твојата интолеранција на храна што е и најголемиот можеби предизвик во твојот процес. Што ти дава сила да ова го прифатиш како твоја нормална ситуација и секојдневие?

Што ми дава сила? — Тоа е пред се мојата фамилија и резултатите од мојата истрајност и енергијата која ја добивам од добрата исхрана и вежбањето. Енергијата е клучна — ми дава сила со која успевам да се снајдам во целиот хаос од обврски, домашните обврски и децата пред се.

Имам петгодишна ќерка, а синчето има само 4 месеци. Морам да бидам мајка без изговори. Предизвикот е голем, но јас со радост ги прифаќам предизвиците што ги нуди животот и одвај чекам да ја почуваствувам сатисфакцијата од секоја успешно завршена работа 🙂

Имам автоимуно заболување кое како и повеќето заболувања на сопствениот организам да се напаѓа себе, не се знае од каде потекнува. Има неколку теории за тоа како доаѓа до напад на самиот организам на сопствениуте здрави клетки, но јас ќе ги напоменам само според мене најважните и “најинтересните” на кои сметам дека можеме да влијаеме.

Пред се главна причина која се издвојува е нездравиот живот: ригорозните диети, недоволното внесување на нутритивни хранливи оброци, прејадувањето, конзумирањето на брза храна и пијалаци полни со шеќер, злоупотреба на алкохол, цигари и други зависности кои директно влијаат врз нашето здравје, прекумерниот и хроничен стрес, слабата активност, недоволното експонирање на дневна светлина итн… Слободно надополнете ја листата.

Иако е премногу тешко сето ова да се стави под контрола, сепак, мислам дека секој може да воспостави некаков баланс, пред се бидејќи секој организам е различен и различно реагира и не постои единствен режим кој одлично би делувал на секој поединец. Себеконтролата и препознавањето на сопствените потреби и слабости кога се работи за здравјето, можам да кажам дека се клучни. Нездравото живеење според мене е воедно и најголемата причина за заболувања од овој тип, од сите причини на кои можеме директно да влијаеме (за разлика од генетските предиспозиции кон одредени заболувања кои се за жал од наследен фактор со кој е најчесто невозможно да се бориме).

Паразитите во телото и некои бактерии се друга можна причина, а најчесто точно исхраната е таа која е клучна за нивно елиминирање.

Заболувањето кое го открив пред околу 4 години се вика автоимун тироидизам (тироидит Хашимото), при кое организмот го напаѓа ткивото на тироидната жлезда поради непознати причини. Антителото се насочува против ткивото на штитната жлезда во која се синтетизираат хормоните, при што доаѓа до промени на структурата на жлездата и пореметување на нејзината функција. Лек за ова заболување не постои, поради тоа што не се знае кој е тригерот што го предизвикува, постои само вештачки тироксин кој се зема во консултација со ендокринолог.

Значи се зема супституција за недостатокот кој организмот не е во состојба да го создаде, но нема лек кој би делувал на причината која го иницира самонападот. Така, автоимуниот процес продолжува и прашање е на време кога ќе го “изеде” целиот орган (во случајот, тироидната жлезда). Звучи страшно, но без тироида сепак се живее. Овде веќе станува збор за директно влијание на оваа болест врз квалитетот на живот. Како јас лично се определив да влијаам врз квалитетот на сопствениот живот кога дознав дека сум една од “жртвите”? Знаев дека итно морам да променам нешто во начинот на живот. Веќе бев активна и тука за среќа немаше потреба од поголеми промени што се однесува до вежбањето.

Но иако се хранев здраво и дисциплинирано, во консултација со цели групи од милиони членови со истиот проблем од целиот свет, решив да им се придружам во идејата дека од храната потекнуваат многу здравствени проблеми. Застапниците на оваа идеја (Автоимун протокол / АИП) тврдат дека од исхраната треба да се исклучат цели групи на храна како глутенот, млекото и млечните производи, некои видови на зеленчук, јатките, јајцата, шеќерот итн. на определено време и потоа по определен редослед да се воведуваат повторно во исхрана врз принципот проба-грешка.

Доколку се внесе некоја храна која не сте ја конзумирале барем 4 недели и ви се појави било каков проблем како надуеност, лошење, повраќање, диареа, алергија со осип или било каква друга нелагодност, потребно е да се исклучи од употреба тој вид на храна. Доколку се чувствувате добро, може да се продолжи со конзумација. Јас ова го правам веќе три и пол години и од тогаш, кога започнав, па се до сега, бројот на антителата кои ја напаќаат тироидата во мојот организам остана непроменет иако претходно беше во постојан пораст.

Кај мене се работи за одвај трицифрен број на антитела, а голем број од пациентите се соочуваат со борба од илјадници антитела и овој режим им помогнал да ги намалат на завидни бројки. Она што “останува” од исхраната, а “смее” да се конзумира, отприлика би била балансирана исхрана богата со свежи салати и свеж и варен/печен зеленчук, здрави протеини од органско и непроцесирано месо и морска риба, здрави масти како омега 3 и 6 и многу вода. Суплементи како магнезиум, витамин Д, селен, цинк и пробиотици се повеќе од добредојдени. Кон “ригорозниот дел” од режимот се придржував околу две години, а сега веќе успешно ги воведов и јајцата и некои видови на јатки и семиња во исхраната.

Она коешто најверојатно никогаш нема да го конзумирам повторно е млекото и млечните производи поради фактот дека сум лактозно интолерантна и глутенот кој е особено “интересен” за Хаши-пациентите. Структурата на глутенот е многу слична на структурата на тироидата, па антителата кои ја напаѓаат, при конзумација на глутен се зголемуваат со цел да го уништат. Сепак, не сум приврзаник на анти-глутенската политика по секоја цена која доста брзо доплови од Америка.

Ме плаши фактот дека многу луѓе иако немаат проблем со глутенот, го отстрануваат од употреба со цел да ослабнат. Доколку немате целијаклија (алергија на глутен) или било каква нетолеранција на глутенот како во мојот случај, не е паметно негово целосно исклучување од исхраната. Затоа, пак ќе напоменам дека една од најважните цели на секој треба да биде воспоставувањето на добра врска со сопствениот организам и да се знае да се слуша сопственото тело. Мислам дека тоа е она што ме спаси, што ми помогна да ја откријам болеста во најрана фаза. Не смее да се игнорираат евентуалните симптоми, но исто така не смееме да одиме и во другата крајност, а тоа е хипохондријата. Здравата врска со нашето тело е клучна за следењето на еден здрав животен стил.

Секојдневно добивам коментари од типот: тоа што ти го правиш. јас не можам, тоа само ти можеш. Јас ниту еднаш се немам согласено со ова. Искрено мислам дека апсолутно секој може. Човек треба да е доволно детерминиран и свесен дека се што правиме, колку и да изгледа тешко на почеток, е сепак само за наше добро.

Сами избираме во какво тело ќе живееме. Сами избираме дали ќе бидеме мајка без изговори. Нашето тело е нашата тврдина во која треба да го поминеме животот, а која во текот на животот ја градиме преку исхраната и нашиот карактер. Да не се разбереме погрешно, не зборувам за совршено тело од часописите. Туку за фит и здрав изглед, убава сјајна кожа и коса, нокти, правилен од, избалансирана и позитивна енергија. Да, гените многу влијаат влијаатрз изгледот и евентуалните наследени болести, но факт е дека од нас најмногу зависи како ќе го поминеме секој нареден ден од нашиот живот.

Можеме да се откажеме и да чекаме работите магично да се поправат или да ги превземеме работите во сопствени раце. Многумина сакаат да потенцираат како нивната сестра, брат или пријателка јадат се, а се слаби, а тие пазат на секој залак и се полнички. Тука станува збор за метаболизмот и неговата многу важна улога врз нашето здравје. Сите знаеме дека метаболизмот зависи од сопствените навики. Доколку се храните правилно, јадете повеќе со умот отколку со срцето и душата, вашиот метаболизам ќе ви возврати и ќе биде побрз.

Дали бременоста и мајчинството ти беше изговор или причина за да бидеш активна?

Погоре делумно одговорив на ова прашање. Карактерно сум таква: амбициозна, понекогаш до тврдоглавост. Не прифаќам пораз посебно ако ми е нешто многу важно. Не сакам да ги пропуштам предизвиците во животот… Не поднесувам и реакција по линија на помал отпор.

Така, мајчинството и бременоста ги прифатив како предизвик на кој мислам дека добро одговорив (т.е. се уште одговарам 😉 ). Мајка без изговори е всушност да ти е тешко ама да не е важно како ти е :). И тука вежбањето е само уште еден сегмент од целата приказна. Вежбањето е мојата љубов, страст и зависност. Среќна сум што со ова зависност е препорачливо да се продолжи во текот на бременоста, доењето и генерално во целиот живот ;).

Често знам да кажам дека се е во главата. Потребно е да се решиш и ќе успееш. Бременоста е секогаш различна, за некои потешка, а некои полесна. Но поминуваат брзо тие девет месеци. Потоа остануваат само убавите спомени дека сме носеле живот и сме го поделиле нашето тело со новиот живот. Сме го поделиле нашиот животен стил со малиот наследник(чка). Зарем има нешто поубаво од тоа? Децата се секојдневно потсетување дека мораме да издржиме во нашата мисија, да бидеме добри родители, да бидеме одлични примери. Се надевам дека со сопругот ќе успееме да им го предадеме нашето искуство колку што се може, бидејќи факт е дека секој ја живее својата судбина и секој се учи најмногу од сопственото искуство.

Како тоа изгледа во пракса?

Понекогаш е тешко, но предизвик е да се успее да се зачува здравиот животен стил во текот на целиот живот. Уште повеќе со деца, а особено во бременост. А да не зборуваме колку е сето ова интересно и предизвикувачки кога имате мало бебе 🙂 Сигурно не би успеала без огромната поддршка од сопругот и моите најблиски. Но пак ќе речам, се е во нашите глави.

Најлесно е да се откажеш. А само малку потешко е да седнеме и добро да го организираме денот. Со добра организација, ништо не е невозможно. Околу мене за среќа имам прекрасни личности кои секојдневно ми даваат поддршка и мотивација. Било да е вербална или физичка (помош околу припремањето на оброците на пример).

Што мислиш дека е пречка за многу трудници и девојки да бидат мајка без изговори, да бидат активни, фит и здрави?

Одговорот на ова прашање се крие во неможноста да ја предвидат долгорочната бенефиција од таквиот начин на живот или поради сопствената недоверба… Бенефициите од здравиот живот, за среќа се очигледни уште од првиот ден.

Гледајте овој факт да ви послужи како мотив кој ќе ве води секој нареден ден. А секој оној кој вежба знае дека со вежбањето се дуплира енергијата, се раѓа одново и одново среќата. Среќна сум што го научив ова на своја кожа и токму тоа е она што најмногу сакам да го пренесам преку мојата животна приказна.

Пред крајот би сакала само уште нешто да напоменам. Интернетот е огромна придобивка на денешницата и сме навистина среќни што живееме во време кога информацијата е подостапна отсекогаш. Но многу е важно добро да се препознава веродостојниот извор на информација. Особено кога читаме информации кои би можеле директно да влијаат на нашето здравје. Секогаш консултирајте се со доктор и/или нутриционист кога планирате да превземете крупни промени во вашата исхрана и никогаш не земајте суплементи самоиницијативно.

Секој организам е посебна приказна, така и секој режим треба да биде скроен според неговите потреби (оттука произлегува важноста на добрата комуникација со сопственото тело за која што зборував погоре). Немојте да паѓате лесно на диетите и изгледот на холивудските ѕвезди. Позади нив стои цел тим и третман кој е невозможно да се добие ако сте обичен смртник. И за крај, повторно, немојте да паѓате на сите споделени фотографии на инстаграм и фејсбук. Се помалку гледаме нефилтрирани и необработени фотографии…

Добриот изглед не се добива преку ноќ, туку е целосен производ на добрата организација, желба, но и откажувања. Сетете се на ова следниот пат кога ќе се најдете во друштво кое не препознава или омаловажува нечиј труд да живее здраво по сосптвен избор и убедување… Сепак, за крај морам да напоменам дека она кое што најмногу ме радува е фактот дека нашите граѓани се повеќе се одлучуваат да внимаваат на своето здравје преку избирање на здрави животни навики. Среќна сум што се следат вакви позитивни трендови и што точно тоа е она кое што отсекогаш го застапувам и постојано промовирам :). За мене одлично гориво да останам мајка без изговори!

Остави коментар

Your email address will not be published.