Дали ќе препознаеш скриени калории во твојот ден
Некогаш не сме свесни за тоа што и колку јадеме, а тоа на долг рок може да се собере со многу скриени калории. Имав пред некое време еден клиент на школата за исхрана кој што дојде со перфектно направен дневник на исхрана. Сите оброци уредно запишани (барем така мислеше), но резултатот не се движеше така како што очекуваше. Како што зборувавме го забележав како си лапна едно минт бонбонче, па го прашав по колку такви си јадеш дневно? Одговорот беше “па не знам, зависи од денот, но супер ме освежуваа и во уста и енергетски”. Но, претпоставувам дека ниту вие не сте свесни дека неколку такви бонбочиња или мастики може да донесат плус 300 калории дневно :).
Понекогаш екстра калориите се толку очигледни, но кога немаме искуство ги пропуштаме сите тие детали. Затоа јас настојувам со клиентите кога се на почеток или некаде работите заглавуваат да водат дневник. И тоа сум дециден дека се’ што поминува низ устата, а не е вода да оди во дневникот :). Можеби ви изгледа и неверојатно и си мислите дека и овакви ситници да се бројат се глупост, но еве неколку примери од секојдневниот живот што го докажуваат тоа.
Каде ти се кријат
- Бесплатен залак за промоција на сувомеснат производ во маркет — 100 калории.
- Дојадување на најмали остатоци на храна од вашите деца. Дегустација на храната што ја готвите и лижење на приборот со кој се сервира или прави одредена смеса — 75 калории.
- “Од иштав” земање на 5–6 парченца помфрит — 120 калории.
- Дегустација на 3 залчиња од вашите домашно подготвени тестенини (кифла, пециво, пита…) — 150 калории.
- “Да не се фрла”, “Дојади ја среќата” и слични мотивациони гласови :) — 100 калории.
Сега мислам дека ме разбирате полесно. И еве сами размислете дали ќе ви текне на уште нешто што го додавате во вашите кафиња и пијалоци. Можеби го јадете, џвакате и лижете без да сте свесни колку екстра калории може да донесе.
1 Comment