калории или состав

Калории или состав

Вечната дилема – што е поважно калории или состав на калории

Епизода 682 – Вчера објавив слика од мојот бургер кој што го јадев на ручек по што се отвори комуникација за која што сакам денес да разговарам а тоа е калории или состав. Имено, Бојан, мој инстаграм пријател го постави следново прашање: “Дали е точен според вас митот дека калорија е калорија и не е важно што јадеш доколку внимаваш да не го поминеш дневниот калориски внес. Постојат многу статии кои водат дискусија за дисбаланс на хормоните поради одредени нездрави калории и шеќери. Од друга страна исто така постојат и ист број статии кои тврдат дека тоа не е баш точно.

Има голема дебата по оваа тема, но јас ќе се обидам да го направам што поедноставно и попросто. Повеќето од луѓето си го комплицираат животот по овие прашања и одат толку многу длабоко со исхрана, а реално немаат потреба. 99% од луѓето на планетата Земја не живеат од спорт и не живеат од тоа колку добро ќе изгледаат. Од таа причина нема ни потреба да се заплеткуваш со толку многу информации поврзани со исхрана. За да возиш кола не ти треба претходно да завршиш машински факултет. Истото е и со исхраната. Не ти треба нутриционизам за да си подготвиш добар и квалитетен начин на исхрана.

Вистината за калориите

Кога се зборува за калори или состав би рекол дека сите се во право. Сепак, тука има едно друго предпрашање. Што е целта на тој човек што прашува и која е целта за да му се важни калориите?

Ако целта ти е да не покачуваш на тежина и си задоволен со ниво на енергија и имунитет, тогаш да – калорија е калорија. Ако моите калориски потреби се 2500 калории, и ако ако внесам 2500 на број без да внимавам од каде доаѓат, значи дека сум супер математички. Не сум внел повеќе од тоа што ми треба и нема да покачувам на тежина. Но, што би рекол мојот пријател Душко Прокович, калории во 100 грама продукт не се истите калории и кога ќе влезат во крвотокот. Се менуваат и затоа се јавува прашањето каков е составот на калориите.

Ако треба да земам 2500 калории дневно, ќе го решам тоа многу едноставно. Ќе изедам еден бурек кој што ќе биде просечно 1000 калории. Подоцна ќе изедам еден бургер кој што ќе биде просечно од 800 до 1000 калории. Речиси да сум стигнат до мојот калориски внес. Подоцна ќе внесам и едно чоколадо. Но, кога ги гледаш тие калории во состав недостасуваат многу протеини и има многу шеќери и масти. Во оваков случај, втората теза излегува точна, дека може да се нарушат хормоните.

“Градежен материјал” на хормоните во најголем дел се амино киселини. Доколку не ги добиваш преку исхраната особено оние 9  кои што телото не може да ги создава, тогаш градиш потенцијал за хормонален дисбаланс. Од друга страна кога внесуваш доволно калории и тие се во голема мера шеќери, тоа значи провокација на инсулинот. Тоа значи дека повторно имаш основа за хормонален дисбаланс. Притоа испровоциораниот инсулин ќе поттикнува и други хормони од сигналниот механизам бидејќи во метаболизмот се е поврзано.

Едноставноста на калориите

бургерСамиот текст под сликата со бургерот многу добро ја објаснува филозофијата за калории или состав. Ти го виде вчера само мојот бургер, но мојот почеток на ден беше со протеински шејк, во кој додадов овес, ленено семе и јатки. Потоа имав ужина портокал со јогурт, па бургерот и вечерта јадев пилешко со моцарела, сушени домати, брокула и морков. И ако го гледаш мојот ден калориски е во сосема добри бројки. Баш толку колку што ми треба од кои што еден оброк е “junk food”.

Јас неделно имам еден или два оброка такви затоа што ги сакам задоволствата. Немам цел за “6 pack”, не живеам од спорт и не живеам од тоа колку добро ќе изгледам. Мојата цел е да имам доволно енергија, оптимално здравје и еден пристоен изглед без вишоци на масти. За такви цели не треба многу да си го комплицираш животот :). И запомни – калорија е калорија и добро е никогаш да не  претеруваш со калории затоа што тоа ќе значи покачување на килажа, но на крај на денот телото не ги обработува на ист начин сите калории.

Обработката на калории од кафеав ориз ќе трае многу подолго и ослободувањето на енергијата во телото ќе биде поодржлива. За разлика од овие калории, оние кои што ќе бидат спакувани во шеќери или процесирана храна брзо ќе влезат во крвотокот. Па така брзо ќе направат скок на шеќер и ќе иницираат скок на инсулин. И двете логики се точни, но на крај се’ зависи од твоите цели и  како изгледа денот со обврски и активност. Не постои “one size fits all”.

Погледни многу повеќе содржина на мојот YouTube канал или на мојот блог и не порпуштај да направиш subscribe

Остави коментар

Your email address will not be published.