на диета

На диета и во врска

Што ако ти си на диета а твојот партнер/ка не е?

Сигурно ти се случило да добиеш укор од некој од блиските кога си на диета. Најчесто тоа звучи “земи јади, не се глупирај”, “ајде сега уште една да ја пробаме”, “што си ја мачиш душичката” и слични :). Но, сепак некако е полесно кога си под ист покрив со твоите родители. Колку и да до добиваш удари во ребра, сепак се родители па најверојатно ќе ти угодуваат и ќе ти готват посебни оброци.

Но шансите тоа да се повтори кога живееш со партнер/ка се малку потешки. Прво, кога готвиш за еден или двајца секако е голем предизвик да испланираш и оборци, а притоа да не ти остане или да фрлиш нешто. Сега уште да е еден од тие двајца на диета, работите стануваат уште покомплицирани. Во главата на оној што не е на диета почнуваат да се јавуваат прашања и став “јас не се пријавив за ова”. Дали сега ќе се скрати на социјален живот, дали ќе се скрати на задоволства и вкусни оброци, дали ќе има нервоза по дома од паднат шеќер итн :).

Тоа се сосема легитмни стравови и најчесто поради себични причини поддршката за партнерот често ја нема. Разбирање имам и за двете страни затоа што сум бил и на двете страни и преку школата за исхрана работам со уште многу луѓе во оваква ситуација.

 6 совети да ја добиеш поддршката што ти треба

1. Не размислувај дека одиш на ‘диета’

Самото тоа кога ќе си кажеш на себе дека одиш на диета, значи дека одиш на одредено време. Не одиш ти никаде и не треба да имаш став дека сега сум ‘на нешто’ и решавам проблем, па кога ќе го снема ќе се исклучам од тоа ‘нешто’. Таквиот пристап нема да ти помогне да почнеш одржлив процес. Ако имаш слика за диета како нешто каде што ќе гладуваш или ќе ти се забрани, тогаш твојата диета нема иднина. Наместо тоа почни да правиш мали промени како воведување појадок кога ќе станеш, воведување на поредовни оброци, пиење повеќе вода. Тоа прво ќе ти помогне да немаш лошо чувство, второ има поголеми шанси да го инспирираш партнерот да ти се придружи.

2. Научи како да побараш поддршка

Барање на поддршка од твојот партнер не е исто како и соопштување дека ‘почнуваш на диета’. Честопати партнерот сака да биде од помош, но едноставно не знае како. Затоа биди јасен/на и специфичен/на. Прашај кога најмногу би одговарало за него/нејзе ти да одиш на вежбање, а да ти помогне во некои домашни обврски или подготовка на оброци. Замоли да не јаде глупости во твое присуство или замоли да не ти нуди. Уште подобро замоли да те потсетува на твојата цел и желби почесто. Замоли и побарај, не соопштувај.

3. Договарај се пред време

Пред време договарај се за места каде што ќе се јаде. Договарај се за што ќе се купува и готви. Договарај се кога заедно ќе ‘грешите’.

4. Замоли го партнерот да не игра улога на полицаец

Една работа кај што многу од луѓето кои што почнуваат со диети ги прави да се откажат е чувството на вина. Во тие потреби и моменти на слабост не ви треба полицаец или некој што ќе ти каже “ете, толку од твојата диета”. Грешки и моменти на слабост се составен дел од животот и од секој процес. Следниот оброк или следниот ден, направи да биде како што треба.

5. Не биди фрустриран/а поради друга личност

Тоа што на некој ништо не му се ‘фаќа’ нема никаква врска со тебе. Престани да се споредуваш со други и да бараш дали некој успеал побрзо или поспоро. Ти си ти и имаш свој процес, уживај во него!

6.  Тргни го фокусот од храната

Има една поговрка што вели почни да го даваш тоа што сакаш да го добиеш. Па така, ако сакаш поддршка прво давај поддршка. Ако ти треба партнер во процесот, тогаш замоли некој друг да ти се придружи во процесот ако партнерот не сака. Имај разбирање за твојот партнер доколку не му е фокус исхраната во моментот. Вие сте 2 различни личности сепак.

Остави коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *